Волкот и седумте јариња

Браќа Грим
23/02/2024

Волкот и седумте јариња е една од попознатите детски приказни на браќата Грим. Оваа приказна се однесува на една коза која живеела со нејзините седум јариња и еден лош волк кој сакал да ги изеде.

Еднаш одамна во една далечна земја, живеела коза со нејзините седум мали јариња. Како и секоја мајка козата многу си ги сакала своите деца. Малите јариња сакале многу да јадат, бидејќи само така можеле да станат големи и силни, па мајката коза морала секој ден да оди во шума за да им собере свежи лисја.

Така едно утро тргнала да набави храна а пред да оди, како и секогаш ги предупредила децата да бидат добри и да внимаваат на страшниот волк. Волкот бил лукав и знаел да ги измами јарињата, па нивната мајка ги предупредувала да не паднат на неговите итрини и случајно да не му ја отворат вратата. Таа ги потсетила дека волкот најдобро ќе го препознаат по црните шепи и многу рапавиот глас.

Децата и рекле на мајка си да не се грижи за ништо,дека тие знаат како да се заштитат и никому освен нејзе нема да ја отворат вратата кога таа ќе се врати од шумата. Тоа ја смирило мајката, па таа мирно им мафтала на своите деца и среќна отишла во шумата.

Во меѓувреме, лукавиот волк се сокрил зад едно дрво и ја чекал мајката коза да оди во шумата. Кога отишла доволно далеку, волкот излегол од скривницата и се упатил кон куќата каде што биле јариљата. Волкот мислел дека среќата му се насмевнала. Козата ја немало а тој конечно ќе можел да се почести со јарињата.

Волкот стигнал до прозорецот од куќата и ги видел малите јариња како прекрасно си играат. Тие скокале низ собата и се забавуваат, па не ни забележале дека страшниот волк ги гледа.

Волкот бил страшно гладен и сакал да ги изеде малите јариња за ручек, па брзо истрчал до вратата и затропал.

Јарињата истрчале кон вратата, но не ја отвориле туку гласно прашале кој е таму. Волкот се обидел да го имитира гласот на козата, па тивко рекол дека тој е мајката коза, која се вратила од шумата и им донела храна. Но, децата не биле толку наивни и веднаш слушнале дека гласот е премногу груб за да биде од нивната мајка. Нивната мајка имала мек и нежен глас, а гласот од волкот бил многу рапав. Му рекле на волкот да си оди бидејќи сигурно нема да му ја отворат вратата.

Волкот бил поразен, но немал намера да пропушти јаре за ручек. Затоа отишол во блиската грмушка да размисли што да прави понатаму. Мислел и размислувал, прашувајќи се како да го ублажи гласот, зашто поради него јарињата не му ја отворале вратата. И тогаш се сетил дека слушнал како медот го прочистувал гласот.

Тој побрзал во селото и купил цела тегла мед и го изел. Наеднаш гласот му станал јасен и мек, сладок како гласот на нивната мајка. Тој трчал брзо за да стигне до вратата од јарињата и повторно тропнал.

Јарињата веднаш престанале да играат и отишле до вратата и прашале кој е таму. Волкот спремно одговорил дека нивната мајка е на вратата и дека конечно се вратила од шумата со храна за своите деца. Јарињата се радувале бидејќи слушнале нежен глас. Само што сакале да ја отворат вратата, едно од нив се сетило на зборовите од мајка си дека волкот има црни шепи. Затоа јарињата му рекле на волкот дека ќе му отворат само ако им ја покаже шепата.

Волкот ја покажал шепата, црна како јаглен. Јарињата се исплашиле, па рекле дека нема да ја отворат вратата бидејќи таа шепа не е шепа на нивната мајка. Мајката коза имала бела шепа, а не црна како на волкот.

Волкот се налутил и повторно побегнал во грмушките. Тој никако да се откаже од јарињата, па почнал да смислува како да ги измами уште еднаш. Стигнал во селото кај воденичарот и купил брашно. Кога се вратил во куќата на јарињата, ги посипал шепите со брашно, па тие станале бели како снег. Повторно тропнал на вратата од куќата и уште со сладок глас ги замолил јарињата да му ја отворат вратата.

Овој пат јарињата веднаш не поверувале на милиот глас, па побарале од волкот да им ја покаже шепата. Волкот ја подигнал шепата и на прозорецот се појавила бела шепа, исто како онаа што ја имала мајката коза. Јарињата се расположиле мислејќи дека е нивната мајка на вратата, па истрчале да ја отворат.

Но, штом ја отклучиле вратата, волкот им упаднал во куќата! Кутрите јариња се растрчале низ куќата, трчале ваму-таму што подалеку од волкот! Некои се обиделе да побегнат, а некои да се сокријат но волкот бил побрз и посилен од нив па ги фатил сите едно по едно и ги голтнал.

Многу брзо се наситил и решил што побрзо да замине од таму за да не го најде козата во нејзината куќа. Волкот толку брзал да избега што не ни забележал дека едното јаре успеало да се сокрие и на тој начин да ја избегне судбината на своите браќа. Тоа било најмалото јаре кое влегло во ѕидниот часовник, па волкот не ни забележал дека го нема.

И додека волкот трчал во шумата, што е можно подалеку од куќата на козата, барајќи место каде што ќе може тивко да легне под дрво и да дреме по обилниот оброк, малото јаре со страв ја чекало мајка си во ѕидниот часовник.

По некое време мајката коза се вратила дома. Ушре од далеку ја видела отворената врата од куќата, па исплашена дотрчала кај своите деца. Кога дошла во куќата, имала што да види… цела куќа била уништена, работите биле расфрлани наоколу, искршени чинии и искината покуќнина. Но нејзините јариња никаде ги немало.

Кутрата коза почнала да плаче, целата исплашена и тажна. Одеднаш го слушнала отчукувањето на ѕидниот часовник. Таа истрчала да види што се случува таму. Кога го отворила часовникот, го видела своето најмало дете како се крие. Го гушнала своето дете, пресреќна што барем преживеало. Јарето штом се вразумило, веднаш и кажало на мајка си што се случило. Мајката коза веднаш решила да се обиде да ги спаси своите деца.

Отишла во шумата да го бара волкот и многу брзо го нашла како спие под дрвото. На ум и дошла идеја како да ги спаси. Таа го испратила најмалото јаре дома да ги земе големите ножици, а со нив и иглата и конецот. Кога се вратило мајката тргнала во акција.

Волкот спиел толку цврсто што не се разбудил ниту кога козата му го пресекла стомакот со ножици. Од него почнале да излегуваат живи и здрави јариња. Едно по едно бегале од стомакот на заспаниот волк кој лакомо ги голтнал без да ги џвака.

Тогаш козата им наредила на јарињата да најдат големи камења и да го наполнат стомакот на волкот со нив. Кога завршиле, козата повторно го зашила стомакот на волкот. Козата и јарињата брзо се скриле во грмушките за да видат што ќе се случи кога волкот ќе се разбуди.

Кога волкот се разбудил, почувствувал голема жед од сите тие камења. Поради големиот стомак кој му висел над панталоните, едвај успеал да стане и да оди до блискиот поток. Мислел колку му е тежок стомакот исто како да јадел камења, а не јариња. Тој едвај стигнал до потокот и се наведнал да се напие вода, но тешките камења во стомакот го совладале и го фрлиле во потокот и волкот се удавил во водата.

Среќните јариња истрчале од грмушката и почнале да се радуваат со својата мајка, среќни што конечно се ослободиле од лошиот волк.

Коментари